Македонскиот првак Еурофарм Пелистер во среда прес својата публика во Битола, го започнува настапот во Лигата на шампионите.
Пелистерци за прв противник ќе го имаат норвешкиот Колштад, кој е еден од конкурентите во групата. Станува збор за квалитетна екипа која игра модерен и брз ракомет.
Сепак, капитенот Жарко Пешевски, смета дека ако сè оди по планот, пелистерци може да се радуваат на победа
„Играме против супер екипа како Колштад. Норвежаните негуваат агресивен и динамичен ракомет. Се работи за тим составен од повеќе норвешки репрезентативци, на чело со Сагосен. Имаат агресивна одбрана, за која со видео анализи треба добро да се спремиме да ги пробиеме.
Ако сè оди по планот, имаме шанси да се надигруваме и на крајот да се радуваме.
Мислам дека ова наше место ни е заслужено како шампиони на Македонија по осумнаесет години.
Ние и фановите треба заедно добро да се поставиме и ќе бидеме светла точка која гордо ќе ја претстави Битола“,
вели Пешевски.
Натпреварот ќе се игра во среда со почеток од 18.45 часот.