Ракометарите на Вардар го загубија првиот натпревар од квалификациите од Лига Европа.
Тие вечерва на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“ загубија од германскиот претставник Рајн Некар Ловен со 34:25, откако одиграа солидно прво полувреме кое заврши нерешено 14:14.
На почетокот на дуелот „црвено-црните“ имаа минимално водство од 1:0 и 2:1, а гостите од Германија првиот гол го постигнаа во петтата минута.
Во следните неколку минути гостите имаа контрола над играта и резултатот и во 12.та минута водеа со 7:3.
Сепак избраниците на тренерот Владо Недановски ги консолидираа редовите и со влегувањето во игра на Јапонецот Косуке Јасухира и на Србинот Матија Николиќ. Нападот беше поразноврсен, а тоа го користеше пикерот Милан Лазаревски (пет голови први дел) и по неколкуте добри реакции и на одбраната Вардар изедначи на 12:12.
Сепак, Рајн Некар Ловен повторно поведе со 14:12, откако „вардарци“ не ги казнија нивните грешки, па пропуштија и да поведат. Во завршницата на првиот дел голманот Мартин Томовски имаше четири од своите пет одбрани и Вардар се избори за нерешен резултат 14:14 на полувремето.
Во редовите на РНЛ Јури Кнор со 6 голови во првиот дел беше најефикасниот, додека голманот Андреас Апелгин имаше 10 одбрани.
Второто полувреме поинаква слика иако првите десет минути од овој дел завршија со само еден гол предност за РНЛ (17:18).
Но, потоа се распадна играта на Вардар. Се играше многу повеќе индивидуално, а тоа значеше и повеќе грешки. Таквата игра ја казнуваа ракометарите на бундеслигашот, кои направија серија од 6-0 за нецели пет минути.
До крајот на дуелот гостинскиот тим само ја зголемуваше предноста за конечни – 34:25.
Лазаревски кај Вардар со 6 голови беше најефикасен, додека во редовите на РНЛ Кнор дуелот го заврши со 8 голови.
Реванш натпреварот се игра во недела (3.септември) од 16 часот, во Хеиделберг.