Македонските одбојкари денеска ги стартуваа подготовките за настап на Европското првенство.
Македонија трет пат ќе игра на континенталниот шампионат, но прв пат пред домашната, македонска публика. Од 30 август до 6 септември во Скопје ќе се играат натпревари од групната фаза.
Тоа секако ќе биде предизвик, мотив, но и обврска повеќе за црвено-жолтите добро да се престават на домашната, но и европската јавноста.
Капитенот Никола Ѓорѓиев смета дека имаме капацитет да се покажеме во вистинско светло, но треба максимално да се одработат подготовките.
„Малку одморивме од настапот во Европската лига. Во неа покажавме дека имаме капацитет да се носиме со врвни репрезентации. Но, посакувам тоа не не биде само сет или два, туку до крај да ги завршуваме во висок ритам натпреварите. Добро е што ќе одиграме поголем број на контролни натпревари. Едно е да тренираш, а сосема друго да играш натпревар. Затоа со селекторот договоривме повеќе пријателски дуели“, истакна капитенот Ѓорѓиев.
Што се однесува до очекувањата на шампионатот, рано е да се говори, но целта е јасна, смета капитенот.
„Ќе работиме напорно како и до сега да ја исполниме целта. Сакаме да ја израдуваме македонската спортска јавност. Незнам дали тоа ќе биде доволно за следната фаза, но знам дека ќе дадеме се од себе да оствариме победа“, потенцира Ѓорѓиев.
Во наредниот приод одбојкарите ќе тренираат во СЦ „Јане Сандански“, по што следува преселба во „нивната база“, односно СЦ „Борис Трајковски“, каде впрочем ќе се играат и натпреварите на ЕП.