Дерби дуелот од 12.коло во машката ракометна Супер лига се одигра вечерва во Битола, во салата „Боро Чурлевски“. Актуелниот вицепрвак Еурофарм Пелистер славеше победа во дуелот со Охрид со 27-24.
Првото полувреме мина во рамноправна игра во која имаше дури 11 израмнувања. Двата тима постојано се менуваа во водство, но ниту една од екипите не успеа да создаде поголема предност од еден погодок, иако имаа повеќе шанси за тоа. По првите триесет минути гостите од Охрид на одмор заминаа со гол позитива 11-12.
Во второто полувреме односно 37-та минута за прв пат на натпреварот еден од тимовите, во случајот Охрид поведе со два разлика (13-15). Набргу потоа (41.минута) со голот на Јошида гостите имаа и три голови разлика 14-17. Но веќе во следниот напад Јапонецот заработи црвен картон поради третото свое исклучување. Имаше исклучување и на клупата на Охрид, па Еурофарм Пелистер имаше двајца ракометари повеќе во игра. Битолчани тоа го искористија и со три врзани голови израмнија на 17-17 (43.минута).
По долго време, а на пет минути поред крајот, домаќините повторно поведоа 23-22. На 100.секунди до крајот зелено-белите за прв пат дојдоа и до два гола позитива 26-24. А, веќе во следниот напад домашниот голман Саид Хеидарирад со прекрасна одбрана, едноставно ги сруши и последните надежи дека охриѓани можат да извлечат поволен резултат.
Најефикасен во победничката екипа Е.Плистер беше Филип Кузмановски кој постигна 11 голови додека Жарко Пешевски беше реализира четири. 11 голови за поразениот тим на Охрид постигна Доминик Мате.
Со оваа победа Еурофарм Пелистер изби на третото место на табелата со 19 бодови колку што има и Охрид кој сега е четврти. Еден повеќе има второ пласираниот Алкалоид, а лидерот Вардар кој утре ќе игра против Е.Пелистер 2, има максимално 22 бодови.

































