Екипата на Штутгарт ќе биде дел од елитата во Бундес лига. Ова е епилогот по одиграниот реванш дуел во баражот за место во Првата германска лига, во кој Штутгарт одигра 3:1 со Хамбургер и ја сочува предноста од првиот натпревар во кој славеше со убедливи 3:0.
На средбата одиграна во Хамбург, домаќините поведоа по нецели шест минути игра со голот на Сони Кител. Иако до крајот на првиот дел Хамбургер притискаше со цел да постигне нов гол сепак резултатот остана не променет.
Во второто полувреме на сцена стапи 20-годишниот француски интернационалец Енцо Милот, кој по само три минути игра (48) го израмни резултатот на 1:1.
Во 64-тата минута, по кардиналната грешка на домашниот голман Фернандеш, младиот Французин го постигна и својот втор гол за комплетен пресврт. И кога сите очекуваа крај на натпреварот Силас во седмата минута од судиското дополнение (90+7) ги постави конечните 3:1 за гостите.
Со двете победи Штутгарт само потврди дека во моментов има подобар тим од Хамбургер, па во следната сезона заслужено ќе биде дел од Првата, а тимот од Хамбург ќе остане во Втората Бундес лига.