Македонската женска одбојкарска репрезентација по подолга пауза повторно е активна и ќе има свое учество, деби, во силната Европска Сребрена Лига.
Одбојкарките се во полн ек на подготовки, а атмосферата во тимот е на одлично ниво. Нашите одбојкарки ќе бидат дел од групата А, во која за противнички редоследно ќе ги имаат репрезентациите на Австрија, Летонија и Естонија.
Ана Павловска е среќна што конечно ќе може како репрезентација да настапат на едно големо натпреварување, а ја повика и публиката да и даде поддршка за што е можно подобар настап.
„По подолг период се собираме како репрезентација. Веќе долг период се спремаме. Ги поминавме првичните подготовки во Маврово, каде трениравме напорно, по два пати на ден, наутро и навечер.
Сега сме во завршна фаза на подготовките, последни тренинзи. Постои трема меѓу нас, се разбира позитивна. Сепак не е мала работа да се учествува на едно такво силно натпреварување. Сите се надеваме се надеваме дека може да изненадиме и со некоја победа. Секој освоен поен, сет за нас ќе биде голем успех.
Во сабота, ги очекуваме сите да дојдат и да не поддржат. Ќе ни значи многу нивната поддршка и дополнително ќе не мотивира и направи среќни“, вели Павловска
Одбојкарки ќе ги одиграат првите три натпревари на домашен терен во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, почнувајќи од утре од 20 ч. и 15 минути за кога е закажан дуелот со Австријките.
Љубителите на одбојката кои ќе сакаат да ги следат настапите на двете македонски репрезентации ќе може да го сторат тоа слободно, бидејќи ОФМ реши влезот за сите натпревари да биде слободен.