Во салата Јане Сандански во Скопје, започна новата страница во спортот во Македонија, кошарка во колички. Благодарение на иницијаторите од Сојузот на параплегија на Словенија и Параолимпискиот комитет на Македонија, а поддржани од Амбасадста на Словенија во Скопје, како и донаторите кои ги набавија новите колички: НЛБ банка, Триглав осигурување и Амбасадата на Германија во Скопје, а со логистичка поддршка од Агенцијата за млади и спорт, Македонскиот Олимписки комитет Македонија, Кошаркарска федерација Македонија, ЦОП Славеј, донаторите на половни колички од Србија и БиХ, и други поддржувачи и симпатизери, тренерот Саша Димитриевиќ со кошаркарите го одржа првиот тренинг.

„Ова е мошне скап спорт така да за комплетирање на количките ни требаа 8 месеци, но сега се тука и почнавме со тренажен процес. Во Јане Сандански ги имаме сите услови за непречено тренирање и голема благодарност до претседателот на МОК Даниел Димевски, бидејќи истата е прилагодена за спортисти со инвалидитет што е реткост за салите ширум државата. За сега тренинзите се одвиваат два пати неделно – среда и петок и сум презадоволен од одзивот на луѓето кои доаѓаат и нивната желба за напредок во ова за нив нова активност. Ќе направиме се да државата има и репрезентација во овој спорт, но ќе треба сигурно да помине време во обука на сите играчи“, изјави селекторот Саша Димитриевиќ.

Од сезоната 2024/25 ќе имаме место во НЛБ јадранската лига во која учествуваат екипи од цела поранешна Југославија. Една година подготовка, а со стручна и посветена работа е доволно да  се направи екипа која успешно ќе игра во таа лига, истакна селекторот.

„Тоа е голем предизвик бидејќи таа лига постои веќе 16 год и во неа играат големи играчи кои го играат овој спорт веќе 25 год. Се надевам дека сите релевантни фактори во државата ќе ја препознаат нашата желба и посветеност за овој проект, а сите кои сакаат да го спортуваат овој спорт ги повикувам да дојдат во салата Ј. Сандански и ни се приклучат. Наша главна цел е што повеќе луѓе да се вклучат во проектот и тие да останат што подолго во овој убав спорт“, дополнува Димитриевиќ.