Машката одбојкарска репрезентација на Македонија, попладнево го одработи последниот тренинг во Скопје, како како дел од подготовките за дебитантскиот настап во Европската Златна лига.
Одбојкарите утре заминуваат за Лоѓ, Полска, каде во сабота ќе го одиграат првиот натпревар во силната конкуренција против репрезентацијата на Украина.
Селекторот Јошко Миленковски веќе го одбра тимот што ќе им се спротивстави на фаворизираните Украинци, кои важат за еден од главните фаворити во групата, а нивните амбиции се пласман во Светската лига.
Нашите пак како што истакнува селекторот се што е можно подобро да се претставиме во ова натпреварување кое е своевидно загревање за Европскиот шампионат чиј ко-домаќин е и Скопје.
„Последните анализи за противникот се веќе направени. Мислам дека сме на едно ниво повеќе подготвени во однос на почетокот.
Сигурно дека и противникот ќе биде во подготвен за нас. Тие се фаворити, а во сабота ќе настапат со најсилен состав.
Наше ќе биде да одиграме што е можно подобро и да се претставиме во добро светло.
Многупати реков, натпреварите во дебитантската сезона во Златната лига се подготовки за нас за претстојното Европско првенство“,
истакна селекторот Миленковски.
Натпреварот со Украина ќе се игра во сабота од 19 часот, а Македонија за противници во Б групата ќе ги има и селекциите на Белгија и Хрватска, против кои првите средби ќе ги игра на домашен терен во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.