Ракометарите на актуелниот европски првак Барселона ја комплетираа доминацијата на гостинските екипи во првите четвртфинални натпревари од Лигата на шампионите. На гостувањето во Одензе „каталонците“ го совладаа ГОГ со 37:30 (19:15).
Данската екипа единствените две водства ги имаа на почетокот на дуелот од 1:0 и 2:1, а потоа Барселона со рутинска игра постојано го зголемуваше водството кое во неколку наврат беше и пет голови разлика. Предводени од расположениот за игра хрватски репрезентативец Лука Циндриќ, „каталонците“ стигнаа и до +8 во неколку наврати со што само беше најавена убедливата победа. Во редовите на домашниот тим во вториот дел се разбуди“ голманот Тобиас Тулин и заврши со 11 одбрани најголем дел во второто полувреме.
Кај Барселона најефикасен беше Циндриќ со 8 голови, додека во тимот на ГОГ Емил Мадсен постигна 9 голови. Голманите на Барселона „запишаа“ вкупно 17 одбрани (Емил Нилсен 12, а Гонзало Перез де Варгас 5 (сите во последните 10 минути)).
Резултати на другите четвртфинални дуели: Висла – Магдебург 22:22, Кил – ПСЖ 27:31 и Веспрем – Киелце 29:29.
Реванш натпреварите се играат на 17 и 18.мај.