Важна победа на Академија ФМП на гостувањето кај Струмица (102-92) со која тимот од Кисела Вода е чекор до обезбедување опстанок во прволигашката конкуренција, а струмичани веќе немаат никакви шанси.
Израмнето започна натпреварот во Струмица помеѓу истоимениот домашен тим и составот од Скопје, ФМП Академија во рамките на 2.коло од плеј-аутот во првата кошаркарска лига на Македонија. По почетното испитување на силите тимот на Струмица поведе со 7-5, но од тој момент на сцена стапија кошаркарите предводени од Тони Симиќ тимот на Академија ФМП кои со серија од 9-0 во 5-тата минува направија солидна предност и поведоа со 7-14. Оваа предност ФМП ја задржа до крајот на првата четвртина која ја добија со 20-26. Добрата игра на гостите продолжи и на стартот од вториот период каде стигнаа и до двоцифрена разлика од +12 коша, 27-39. Но тимот на Струмица не дозволи и поголема предност на ФМП и со серија од 12-2 намали на минимални 39-41.
Сепак до крајот на првото полувреме Академија ФМП не дозволи и целосен пресврт, па така до крајот на вториот период и ја зголеми предноста и по првите 20 минути имаше предност од 41-48. Вториот дел повторно му припадна на гостинскиот тим со 22-21.
Во второто полувреме Струмица одлично го започна третиот период. За кратко време направи серија од 5-0, а истата ја зголеми и на 17-6 и направи резултатски пресврт по кој Симиќ мораше да побара тајм-аут. Струмица имаше водство од 58-54 на нешто над 6 минути до крајот на третиот дел. Домашниот играч Обуквелу до тој момент имаше дури 25 поени. Сепак тимот од Скопје, ја консолидираше играта и со своја серија од 9-2 ја врати предноста на 60-63 по што Христов мораше да побара минута одмор.
Не се промени ништо во поглед на резултатот до крајот на третиот дел па така Лавовите од Кисела Вода со 66-72 влезе во последните 10 минути од мечот.
Во првиот пет минути од последната четвртина се играше кош за кош така да разликата си остана непроменета, а потоа Џонс погоди за три поени за Академија ФМП и зголеми на +9 за 76-85.
До крајот само се зголемуваше предноста на Лавовите која стигна и до +13 во еден момент 87-100, а домаќините само го ублажија поразот за конечни 92-102.
Кај победниците најдобар со 26 коша беше Смит Меквен, 19 даде Џонс, а Коскоски 18 поени. Кај Струмица беше најефикасниот на мечот Обуквелу со 29 коша, 17 постигна Волканоски, а 16 Мамузиќ.
Томислав Атанасовски