Искуството на шесткратниот освојувач на Лига Европа, Севиља, дојде до израз вечерва откако го совлада ривалот Манчестер Јунајтед со 3:0 и со вкупен резултат од 5:2 ја елиминираше фаворизираната екипа.

Домаќините го отворија резултатот уште во 8-та минута од натпреварот по кардиналната грешка на Хари Мегваер, која ја искористи Ен Несири.

„Црвените ѓаволи“ не можеа да возвратат на одличната игра што ја покажаа избраниците на Мендилибар и до крајот примија уште еден погодок (во 41-та минута), но истиот беше поништен поради минимален офсајд.

Само што почна второто полувреме, во 47-та минута, Севиља зголеми на 2:0 со голот на Лоик Баде по корнерот што го изведе Иван Ракитиќ.

Ерик Тен Хаг со внесувањето на Воут Вегхорст и Маркус Рашфорд се обиде да се врати во игра, но вечерва перфектната Севиља му ги расипа плановите. Ен Несири ја искористи грешката на Де Хеа во 83-та минута и со вториот погодок вечерва го донесе конечниот резултат 3:0.

Севиља во полуфиналето од Лигата на Европа ќе игра против екипата на Јувентус, која во двомечот беше подобар од Спортинг.