Машката кошаркарска репрезентација на Македонија ги почна подготовките за дуелот со Кипар во претквалификациите за Еуробаскет 2029.

На прозивката на селекторот Берокал недостасуваа најголемите адути, Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт. Кошаркарот на грчкиот Арис, Димитријевиќ, според најавите, треба да се приклучи на репрезентацијата утре. Американскиот центар Рајт има клупски обврски со својот тим Олимпија Милано. Италијанскиот евролигаш утре гостува кај францускиот АСВЕЛ во 14. коло од Евролигата, па Рајт ќе допатува во среда.

Поради повреди, шпанскиот стратег нема да може да смета на Јакимовски, Андоновски и Какруки, а неизвесен е и Маслинко. Во тимот дополнително е повикан Дамјан Робев, додека на тренинзите ќе помага и Андреј Магдевски.

Репрезентацијата ќе се подготвува во салата „Лазар Лечиќ“ во скопски Градски парк, каде што ќе се одигра и натпреварот. Дуелот меѓу Македонија и Кипар е закажан за четврток со почеток во 18 часот.