Македонската фудбалска репрезентација до 17 години запиша огромна победа од 3:2 против Унгарија на стартот од квалификациите за Европското првенство. Младите фудбалери на Македонија покажаа силен карактер на турнирот од првата квалификациска рунда кој се игра во турскиот град Трабзон. Апсолутен херој на нашата кадетска селекција беше феноменалниот Стефан Ристиќ, кој со три погодоци режираше незаборавен пресврт во второто полувреме.

Унгарците поведоа уште во осмата минута преку Арон Хорват, по што нашите таленти пропуштија неколку добри шанси за брзо израмнување. Противникот ја удвои предноста на самиот старт од вториот дел, кога капитенот Тимот Фаркаш погоди во 48. минута за 2:0. Тој момент воопшто не ги обесхрабри избраниците на селекторот Иљами Исејни, кои тргнаа во целосна офанзива кон унгарскиот гол.

Стефан Ристиќ го постигна својот прв погодок во 55.минута и ја врати резултатската неизвесност во овој важен квалификациски натпревар. Притисокот на македонските надежи вроди со плод во 86. минута, кога Ристиќ по асистенција на Матеј Николов израмни на 2:2. Кулминацијата следуваше во четвртата минута од судиското продолжение, кога неверојатниот Ристиќ го комплетираше својот хет-трик за конечен триумф на Македонија.

Со овие три бода во Групата 11, македонската репрезентација направи голем чекор кон пласман во елитната Лига А од квалификациите. Следниот предизвик за нашите млади фудбалери е дуелот против селекцијата на Сан Марино, кој е закажан за 14 ноември. Квалификацискиот турнир во Турција го затвораме на 17 ноември со натпревар против домаќинот за потврда на едно од првите две места.