Македонскиот тим ТФТ попладнево го игра својот втор натпревар во новата сезона од регионалната кошаркарска АБА2 лига. Противник на скопскиот тим во рамките на групата Б е незгодната српска екипа на Херцеговац.
Нашиот состав лошо ја отвори кампањата и претрпе висок пораз од Слобода Тузла на самиот старт. Сепак за разлика од гостувањето во Тузла, сега тренерот Боро Смиловски на располагање ќе ги има и странските засилувања.
„Во првото коло поради отсуство на странските играчи, не можевме да покажеме што имаме спремно за ова натпреварување.
Но, овој пат со сите сили, фокусирано ќе влеземе во овој натпревар. Се надевам на добра игра од наша страна. Посакуваме да ја оствариме првата победа оваа сезона во Аба2 лигата“, изјави Тома Стојановски.
Денешниот ривал на ТФТ, веќе има една победа откако сигурно славеше над тимот на Подгорица. Македонските кошаркари се силно мотивирани да се изборат за позитивен резултат.
Овој важен регионален дуел меѓу екипите на Херцеговац и ТФТ Скопје е закажан со почеток во 18 часот.




































