Со натпреварот одигран вечерва во Струмица комплетирано е четвртото коло во машката кошаркарска Суперлига. Домашниот тим на Струмица му го нанесе првиот пораз на шампионот МЗТ Скопје совладувајќи го со 87:79.
Гостите од Аеродром подобро го отворија мечот и стигнаа до рана предност од осум поени. Струмичани брзо возвратија, па воведниот период заврши со израмнет резултат 26:26. Во втората четвртина домашните кошаркари заиграа поцврсто и на полувреме заминаа со предност од 47:44.
Третата делница понуди нова резултатска клацкалка и голема борбеност на двете страни од паркетот. МЗТ Скопје успеа да ја анулира негативата и израмни на 64:64 пред решавачките десет минути. Победникот беше одлучен во последната четвртина која Струмица ја доби со 23:15. Клучна беше одличната серија на домаќините со која целосно го скршија отпорот на противникот. На помалку од две минути до крајот, Струмица ја достигна максималната позитива од 12 поени разлика.
Најефикасен во победничкиот табор беше Џејкобс со 29 поени, додека Крафорд постигна 21 поен. Во редовите на актуелниот македонски првак најистакнат поединец беше Војдан Стојановски со 17 поени.
Струмичани сега имаат „скор“ 2-2 (победи-порази) и се петтото место. МЗТ Скопје по првиот пораз падна на третата позиција со ист „скор“ 3-1 како второ пласираниот Кожув. Единствен непоразен по четири одиграни кола е Рабоднички.
Распоред
Табела
| # | Екипа | ОН | П | И | кош +/- | Б |
|---|




































