Челзи предводен од Френк Лампард ќе има многу тешка задача во реваншот од четвртфиналето во Лигата на шампионите против актуелниот европски шампион Реал Мадрид.
Овие екипи сега ќе ги одмерат силите на „Стамфорд Бриџ“, каде Реал ќе влезе со 2 гола предност стекната на „Сантијаго Бернабеу“.
Враќањето дома на Френк Лампард не придонесе многу „сините“ од Лондон да ги прекинат своите бледи настапи. Тие викендов загубија со 2:1 од Брајтон во Премиерлигашкиот дуел само неколку дена по поразот во Мадрид, додека „кралскиот клуб“ на тешкото гостување во Кадиз, успеа да извојува победа од 2:0.
Екипата на Карло Анчелоти во своите последни 19 нокаут пресметки од Лигата на шампионите во кои триумфирале во првиот натпревар со најмалку 2 гола разлика, имаат 18 победи и само еден пораз(во сезоната 2003/2004 против Монако).
Овој натпревар ќе го одбележат и рекордните настапи на двајца играчи на Реал Мадрид. Имено, доколку настапат вечерва, капитенот на Реал Мадрид, Карим Бензема ќе го испише својот 150-ти историски настап во Лигата на шампионите и ќе стане само 5-тиот играч кој го направил тоа, а Тони Крос својот 150-ти натпревар во клупските натпреварувања УЕФА.
Победникот од овој четвртфинален дуел во полуфиналето ќе игра со подобриот од пресметката во Минхен меѓу Баерн и Манчестер Сити, во кој Баерн ќе брка негатива од 3 гола разлика.
Реванш натпреварот меѓу Реал Мадрид и Челзи во Лигата на шампионите, кој ќе го води искусниот италијански судија Даниеле Орсато, ќе се одигра вечерва со почеток во 21:00 часот.
Марио Петровски