Македонската одбојкарска репрезентација, денеска ќе го игра третиот натпревар на Европското првенство.

Противник на Македонија ќе биде актуелниот европски шампион Полска.

Полјаците ја бранат титулата во нивниот 29-ти настап на ЕвроВолеј. Тие ќе се обидат да станат втората репрезентација по Италија (2003 и 2005) која освоила две европски круни во низа. Полска има 11 медали на континенталните собири (две злата 2009 и 2023, пет сребра и четири бронзи).

Македонските одбојкари ги загубија првите два меча од Бугарија и Украина во три сета, а Полјаците пак славеа максимално со 3:0 против Португалија и Израел. Јасно е дека Полска ја има улогата на апсолутен фаворит во дуелот со Македонија, но избраниците на Јошко Миленковски сигурно ќе сакаат да одиграат максимално и над своите можности.

Дуелот Македонија – Полска што ќе се игра од 18 часот е вториот од денешната програма во софиската Б група. Во првиот од 15 часот ќе играта Израел и Португалија. Тоа се селекциите против кои Македонија ќе брка победи, за место што води во нокаут фазата.