Од денеска во продажба се пуштени картите за натпреварот на фудбалската репрезентација на Македонија против селекцијата на Швајцарија.
Тоа ќе биде првиот натпревар на македонската селекција во новиот циклус во Лигата на нациите. Дуелот на националната арена „Тодор Проески“ Македонија и Швајцарија ќе го играат на 26 септември.
Цената на влезниците се движи од 500 до 1.800 денари, во зависност од блокот и местото на трибините. ВИП билет чини 3.000 денари. Цените и достапните места по блокови ќе бидат детално прикажани на мапата на Националната арена „Тодор Проески“, преку официјалната платформа за електронска продажба на билети на ФФМ: eticket.ffm.mk
Во рамки на септемврискиот циклус македонската репрезентација ќе гостува и кај Словенија. Влезниците за тој дуел што ќе се игра на 29 септември на стадионот „Стожице“ во Љубљана, ќе бидат пуштени во продажба на 14. септември.
Наскоро ќе бидат објавени и официјалните информации за продажбата на билети за натпреварите Македонија – Шкотска (3. октомври) и Швајцарија – Македонија (6. октомври) во Луцерн.




































