Македонскиот ракометен првак Вардар се враќа во елитната Лига на шампиони денеска. Со гостувањето во Германија кај Малсунген, вардарци ја отвораат новата сезона во ова натпреварување.  

Противникот е добро познат, тим против кој ланската сезона Вардар играше во ЕХФ Европската лига. 

Капитенот и голман на Вардар, Васил Гогов, потенцира дека тимот се враќа на најголемата европска сцена со голем потенцијал, но и со свест дека е потребна уште многу работа.

„Нè очекува многу тежок и квалитетен противник, кој располага со голем број квалитетни ракометари. Можам да кажам дека добро се познаваме, бидејќи во изминатите две години се сретнавме неколку пати.

Претходните натпревари беа во Европската лига, а сега играме во Лигата на шампионите. Можам да кажам дека ова е едно ниво погоре. Точно е дека ги победивме и на домашен и на гостински терен, но не можам да кажам дека тоа беа лесни победи. Тогаш тие настапија со скратен состав и имаа проблеми со повредени и болни ракометари.

Овој тим има голем потенцијал, но мора уште многу да работиме и секој од нас да го даде својот максимум.
Мелсунген има многу квалитетни ракометари и широк ростер“, изјави капитенот Гогов.

Овој натпревар е ден од Б групата во која вчера Нант минимално со 26-25 ја победи Висла Плоцк.

Вечерашниот натпревар меѓу Мелсунген и Вардар ќе почне во терминот од 20.45 часот.

Следете нé на социјалните мрежи