По неколкугодишна пауза, елитното ракометно натпреварување повторно се враќа во СЦ „Јане Сандански“. двократниот европски првак Вардар утре ќе го игра првиот натпревар пред својата публика во Лигата на шампионите.
Во натпревар од 2.коло на „Б“ групата Вардар го пречекува францускиот тим Нант.
Новиот формат во Лигата на шампионите налага, секој меч на домашен терен да се добие. Ова првенствено да се зголемат шансите за освојување на едно под првите две места што водат во следната фаза.
Вардар стартуваше со пораз на гостувањето кај Мелсунген, а Нант дома минимално славеше над Висла Плоцк. Затоа победата за вардарци е императив на утрешниот меч, свесни се во таборот на црвено-црните.
„Имаме големи очекувања за утрешниот меч. Сигурно дека имаме свои желби како да стигнеме до прва победа.
Мора да бидеме претпазливи и од почеток да веруваме. Сакам да видам вистинска конекција меѓу нашите навивачи и ракометарите.
Утрешна победа ќе ни биде ветер во грб за следните мечеви “, изјави вардаровиот тренер Иван Чупиќ.
Поддршката од навивачите ќе биде и тоа како неопходна и важна, па вардарци се решија пред мечот да отворат и „фан зона“. Загревањето за натпреварот започнува два часа порано (16:45 ч.) на платото пред салата, ќе биде организирана голема „фан зоната“.
Почетокот на дуелот Вардар – Нант е закажан во терминот од 18.45 часот.


































