Македонскиот ракометен првак Вардар денеска ќе го игра вториот натпревар во новата сезона на Лигата на шампионите.

Дуелот од 2.коло во Б групата против францускиот Нант, за вардарци ќе биде прв пред својата публика. Секако дека играњето пред своите навивачи е дополнителен мотив за секој ракометар, па така ќе биде и овојпат вели Јака Малус.

„Очекуваме тежок меч, бидејќи сите екипи во ЛШ се силни. Очекуваме голема поддршка од нашите навивачи, бидејќи знаеме што значи тоа за нас и за противниците.

Повеќе од една година немаме пораз на домашен терен и сакаме така да остане и во оваа сезона. Мислам дека сме подготвени и влегуваме максимално по првите бодови“, изјави Малус.

Задачата нема да биде ни малку лесна имајќи во предвид дека Чупиќ не ќе може да смета на неколкумина ракометари. Митровиќ е под суспензија, Лазаревски и Бомаштар се повредени, а неизвесен е и Жоао Педро.

Но и без нив Вардар има силен тим и сигурно голема поддршка од навивачите кои ќе бидат „осмиот играч“ на црвено-црните. А, тие пак „Комитите“ ќе се „загреваат“ за натпреварот два часа порано. Имено од 16:45 часот на платото пред салата, ќе биде организирана голема „фан зоната“.

Почетокот на дуелот Вардар – Нант е закажан во терминот од 18.45 часот. 

Следете нé на социјалните мрежи