Еурофарм Пелистер со победа над српскиот шампион Партизан го почна својот настап во Регионалната ракометна лига. Пред домашната публика а предводени од капитенот Филип Кузмановски, Пелистер го победи Партизан со 35:31.
Битолскиот тим уште од самиот почеток го наметна своето темпо, а Кузмановски со серија погодоци брзо донесе предност која домаќините успешно ја одржуваа. Еурофарм Пелистер замина на одмор со предност од 20:13, а најголемата разлика на мечот изнесуваше водење од 8 гола предност (23:15, 24:16 и 25:17) во текот на второто полувреме. Партизан во финишот успеа само да ја намали негативата преку Вагнер и Лумбросо, но победата на домаќините ниту во еден момент не беше доведена во прашање.
Филип Кузмановски беше неверојатен со 15 гола, додека Граховац и Хенигман додадоа по четири погодоци. Кај Партизан најефикасен беше Вагнер со 10 постигнати голови.
Пелистерци во наредните седум дена ќе одиграат уште два натпревари и тоа пак пред својата публика во Битола. На 26 август ќе го пречекаат црногорскиот Ловќен, а на 31 август српската Дубочица.
Во оваа група, настапува и тимот на Алкалоид кој својот прв меч во РРЛ лигата ќе го игра во среда (226 август) во Автокоманда токму против Партизан (19 часот).
Потсетување дека Вардар и Охрид кои настапуваат во Б групата, стартуваа во ова натпреварување со победите над екипата на Војводина.



































