Продолжија натпреварите на јуниорското Европско првенство за ракометари до 18 години чиј домаќин е Белград.
Македонска селекција по трите порази во првата групна рунда, сега врза две победи во разигрување за пласман од 17 до 24 место. Во натпревар од 2.коло од група 2, Македонија ја совлада Турција со 29-27.
Лошо македонските ракометари го почнаа натпреварот. Противникот врза три гола, на кои нашите ракометари одговорија дури во 6.минута со својот прв погодок. Противникот имаше и најголеми четири разлика, па долго време избраниците на Горан Кузмановски ја бркаа негативата. Конечно ја анулираа во 18 минута кога израмнија на 10-10, а веднаш потоа за прв пат и поведоа со 11-10. И наместо на продолжат во ист ритам, повторо пад во играта. До крајот на полувремето противникот постигна пет, а македонските надежи два гола, па Турција на пауза замина со два гола разлика 13-15.
Со ангажирана и борбена игра до комплетен пресврт
Во второто полувреме, далеку подобра игра на македонските јуниори. Со серија од 5-1, Македонија го сврте резултатот во своја полза и поведе со 18-16. Имаа избраниците на Кузмановски во два наврати на најголеми пет голови предност.
И наместо мирно да го проведат до крај натпреварот, нашите ракометари му дадоа шанса на противникот да се врати во игра. Турците со серија од 1-4 дојдоа на два негатива на пет минути до крајот, но за среќа немаа сили за комплетен пресврт. На крајот сосема заслужено македонските ракометари се израдуваа на втората победа на првенството.
Најефикасен во нашата репрезентација беше Бобан Поповски со 9 голови, додека Горазд Дамчевски постигна 7.
За македонските јуниори сега престои ново разигрување, тоа ќе биде за пласман од 9 до 16 место.



































