Македонската женска одбојкарска репрезентација претрпе убедлив пораз од Хрватска со максимални 0:3 во сетови во СЦ „Борис Трајковски“. Ова е петти последователен неуспех за нашите одбојкарки во рамките на овогодинешното издание на ЦЕВ Европската лига.
Хрватските одбојкарки целосно ја оправдаа улогата на фаворит и покажаа голема надмоќ во сите сегменти од играта. Во првиот сет македонските репрезентативки пружија солиден отпор и имаа една серија од 5:1 во средината. Сепак, гостинскиот состав брзо ја врати контролата врз резултатот и мирно го затвори уводниот сет со 15:25.
Вториот сет донесе целосна доминација на Хрватска, која без поголеми проблеми го доби овој дел со 12:25. Нашите девојки не успеаја да го стабилизираат приемот, па противникот на почетокот на третиот сет поведе со 6:0. До крајот на мечот Хрватска само рутински ја одржуваше предноста и славеше во третиот сет со повторни 15:25.
Андротеа Милевска одново беше најрасположена во нашиот табор, но нејзиниот учинок не беше доволен за попозитивен резултат.
Македонија в недела во Скопје ќе го одигра последниот натпревар од Европската лига против селекцијата на Словенија.

































