Италијанскиот град Таранто од денеска е центарот на медитеранскиот спорт, а меѓу знамињата на земјите учеснички е и македонското.
Македонската делегација вчера пристигна во градот домаќин, подготвена за настапите на 20-Медитерански игри „Таранто 2026“, а заедно со нив е и претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова.
Денеска, во Олимпиското село, таа се сретна со македонските претставници, се запозна со членовите на делегацијата и им упати поддршка пред почетокот на натпреварите. Претседателката им посака успешни настапи и изрази надеж дека со својата посветеност, борбеност и спортски дух достоинствено ќе ги претстават македонските бои во Таранто.
Присуството на претседателката на Медитеранските игри е историски момент за македонскиот спорт. За првпат откако Македонија настапува на оваа голема меѓународна спортска манифестација, на Игрите присуствува и претседател на државата, што претставува значајна поддршка и дополнителна мотивација за македонските спортисти.

Силјановска-Давкова во Таранто ќе престојува два дена, а вечерва ќе присуствува и на свеченото отворање на Игрите, заедно со делегациите од медитеранските земји. Нејзиното присуство во градот домаќин е дополнителна можност македонските спортисти да почувствуваат дека зад нивниот настап стои поддршката од целата земја.
Вечерва во 20 часот официјално започнуваат Игрите, со церемонија која македонската јавност ќе може да ја следи на МРТ1 додека дел од натпреварите во живо ќе се пренесуваат на МРТ3.
Ова е четврто учество на Македонија на Медитеранските игри како независна држава, по Мерсин 2013, Тарагона 2018 и Оран 2022. Македонија досега има освоено 14 медали на Медитеранските игри, а новата генерација македонски спортисти во Таранто ќе има можност да ја продолжи оваа традиција.































