Македонската машка кошаркарска репрезентација до 18 години, претрпе уште еден пораз, на контролните натпревари против Бугарија во Ботевград.
По вчерашниот неуспех кога домашната селекција триумфираше со 87:77, денешниот дуел донесе нов пораз на Македонија сега со резултат 85:75.
Нашите јуниори одиграа добро прво полувреме и на пауза заминаа со минимално водство од 42:41. Во продолжението Бугарите заиграа далеку поангажирано и по три четвртини направија пресврт за предност од 54:49. Во последната четвртина, домаќинот дополнително го зголеми водството и ги постави конечните десет поени разлика.
Светла точка во нашиот табор беше Ѓорѓи Цветковски, кој постигна 21 поен на овој меч. Дамјан Стојановски додаде девет поени и пет скока, додека Григориј Ѓорѓевиќ запиша осум поени со ист број скокови.
Овие два контролни натпревари се дел од подготовките за претстојното Европско првенство „Б“ дивизија во Хрватска.


































