Младата кошаркарска репрезентација на Македонија (У20) со триумф го почна настапот на Европското првенство.,

Во дуелот од А групата на шампионатот што се одржува во Словачка (Б дивизија), Македонија славеше над домаќинот со 71-63.

Македонските младинци одлично го отворија натпреварот и во раната фаза поведоа со 10-7. Сепак како одминуваше играта противникот успеа да се врати во игра. Затоа на првата пауза домаќинот замина само со два поени предност (15-17). Сепак избраниците на Никола Василев одиграа фантастично во вторите десет минути. Имаа жолто-црвените и најголеми +14, а на полувреме заминаа со +13 (41-28)

На почетокот на второто полувреме македонските надежи имаа и најголеми +23 (51-28). Дојде до опуштање во играта на нашите репрезентативци, па домаќините дојдоа и до само пет поени негатива. Сепак немаа сили Словаците за комплетен пресврт, па на крајот Македонија славеше со конечни 71-63.

Најефикасен во редовите на Македонија беше Коста Кириловски со 15, додека Марко Лукановски заврши со 11 поени и 9 скокови, а двоцифрен беше и Давид Петрушевски со 11.

Утре (сабота) нашите младинци ќе играат против селекцијата на Ирска во терминот од 13.30 часот.

Следете нé на социјалните мрежи