Најдобрата машката одбојкарска репрезентација на Македонија ги одработува подготовките за новиот настап во Европската лига.
Со доаѓањето на интернационалците Александар Љафтов и Филип Савовски, сега со комплетен состав, подготовките влегуваат во завршната фаза. Селекторот Јошко Миленкоски започна со поставување на тактичките варијанти.
Како загревање за првиот турнир, репрезентацијата ќе одигра пријателски двомеч со Црна Гора во Подгорица на 29 и 30 мај. Преку овие два натпревари треба да се добие попрецизна слика за нивото на екипата и за деталите на кои ќе треба да се поработи во пресрет на официјалните натпревари.
„Подготовките засега течат во најдобар ред. Двомечот со Црна Гора ќе ни помогне да направиме проверка на подготвеноста и на тоа колку имаме прогрес во нашата форма. Сите екипи периодов се во една таква фаза, ќе одиграат по два-три контролни натпревари и започнуваат турнирите од Европската лига. Оваа година Европската лига е од посериозен карактер затоа што се тоа квалификации за следното Европско првенство и тежината на таа лига нема да биде како во минатите години. Сите репрезентации ќе играат во своите најдобри состави, а пласманот на Европско првенство е голема работа за сите, така е и за нас. Мораме да бидеме многу посериозни и со едни сериозни подготовки да постигнеме резултати со кои ќе обезбедиме пласман на уште едно Европско првенство, кое е било петти пат по ред за нас“ – истакнува селекторот на Македонија, Јошко Миленкоски.
Репрезентацијата со тренинзи во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје продолжува до 27 мај, а потоа патува за Подгорица.
На првиот турнир во Европската лига 2026 (5-7 јуни) Македонија ќе ги пречека Холандија и Луксембург. Со Холандија играме на 5 јуни од 19 часот, ден подоцна сме слободни, додека на 7 јуни, исто така од 19 часот, ќе се соочиме со Луксембург.




































