Ракометниот клуб Охрид има огромни амбиции за следната натпреварувачка сезона. Охриѓани веќе изградија силен тим, кој дополнително се засилува.
ГРК Охрид веќе го промовира петтото засилување на наредната сезона. Станува збор за Адама Кеита. Французинот потпиша со ГРК Охрид за 2026/2027 со можност за продолжување за 2027/2028. 28 годишниот Кеита, игра на позицијата лево крило, а доаѓа од грчкиот АЕК. Пред тоа цели 8 сезони го носеше дресот на големиот ПСЖ (Франција) со кој има премногу освоени титули. Има настапи за сите младински категории за националниот тим на Франција и освоен бронзен медал на светското јуниорско првенство 2017.
“Започнува ново поглавје за мене.
Горд сум што му се приклучувам на ГРК Охрид и што ја започнувам оваа нова авантура во Македонија. Му благодарам на клубот за довербата што ми ја укажа.
Доаѓам со голема желба, амбиција и волја да го дадам максимумот на теренот за боите на клубот.
Со нетрпение очекувам да започнам и да се запознаам со нашите навивачи.” – изјави Адама Кеита.
Тој е помлад брат на Махамаду Кеита кој претходно во македонскиот шампионат со голем успех го носеше дресот на Вардар.
ГРК Охрид оваа сезона има голема шанса да ја заокружи со прв историски трофеј. Веќе следната недела (24 мај) ќе го игра првиот финален натпревар во ЕХФ Европскиот куп. На патот до трофеот на охриѓани им стои унгарскиот тим Татабања.




































