Женската фудбалска репрезентација на Македонија со пораз ги започна мундијалските квалификации. На гостувањето кај Азербејџан, во 1.коло во квалификациите од Лига Ц за пласман на Светско првенство Македонија е поразена со 2:0.
Александра Марковска и Симона Мејер во првото полувреме имаа свои обиди за погодок, но нивните удари беа изблокирани. Џафарзаде во 28.минута го постигна водечкиот погодок за домашната репрезентација,. Со нејзиниот втор погодок во 78.минута, ја потврди победата на Азербејџан. Максути и Николовска имаа шанси за гол во вториот дел за Македонија, но не беа успешни во завршницата.
Селекцијата предводена од Александар Андов првите бодови во групата ќе ги бара на домашен терен против Андора. Мечот ќе се игра на 7 март во Битола на стадионот „Петар Милошевски“.





































