Капитенот на сениорската репрезентација, Војдан Стојановски, утре ќе испише нова страница во историјата на македонската кошарка.
Војдан Стојановски, ќе влезе во историјата, како прв кошаркар со 90 настапи на официјални натпревари за Македонија.

Статистиката (на Светската кошаркарска федерација) вели дека настапот против селекцијата на Луксембург, беше 89 за Војдан во дресот на Македонија. Момент по кој што тој се изедначи на првото место на вечната листа со Тодор Гечевски.
Војдан е речиси 20 години дел од националниот тим, со настапи на четири од петте Европски првенства за Македонија (2009, 2011, 2013 и 2015 година). Тој единствено не играше на првиот македонски Евробаскет 1999 година, кога имаше само 11 години.
Инаку, во овој момент, Војдан Стојановски е и четврти стрелец во историјата на репрезентацијата на Македонија.
Со оние девет реализации на средата против Луксембург, стигна до бројката од 881 поен. И веќе на дуелот против Азербејџан може да го надмине Тодор Гечевски (застана на бројот 891) и да стане трет стрелец.
Доколку го направи тоа, во што нема никаков сомнеж, пред него ќе бидат само уште Врбица Стефанов, со 947 поени и Петар Наумоски со 1.040 поени.




































