Најдобрата фудбалска репрезентација на Македонија втор ден е на собир во Скопје, каде црвено-жолтите се подготвуваат за два нови натпревари, контролен против Летонија и квалификацискиот за Мундијалот 2026-та против Велс.
„Мечот со Летонија ќе биде одлична проверка за нас. Потоа следува најважниот натпревар во овие квалификации против репрезентацијата на Велс.
Тоа ќе биде многу тежок натпревар, сличен на оној што го одигравме тука, во Скопје. Ќе дадеме сè од себе за да ја израдуваме Македонија и да стигнеме до позитивен резултат.
Кога играте против репрезентации од светска класа, најголемиот товар за време на натпреварот секогаш паѓа на одбраната. Но, многупати сум кажал дека нашата одбрана започнува од нашиот најистурен играч. Така ќе биде и овој пат и се надевам дека ќе успееме да го издржиме нивниот притисок.
Мислам дека низ овие квалификации покажавме дека нашиот пристап, без разлика на противникот, е секогаш на високо ниво“, вели Никола Серафимов.
Првиот дуел со Летонија ќе се игра на арената „Тодор Проевски”, на 13 ноември во Скопје. Последниот од квалификациски за СП против Велс на 18 ноември во Кардиф.






































