Ракометарите на Македонија ја постигнаа и втората победа во групата 1 од квалификациите за Европското првенство 2026 откако вечерва ја совладаа Естонија на гости со 36:17. Нашите ракометари по пет одиграни натпревари имаат две победи (двете против Естонија) и се наоѓаат на третата позиција во групата со четири бодови, зад Словенија која е прва со 10 и Литванија која со 6 бодови е втора.
Од самиот почеток на натпреварот Македонија даде до знаење дека ќе се „брка“ висока победа, односно ова треба да биде добра подготовка за неделниот дуел со Литванија. Брзо македонските репрезентативци стигнаа до водство од 10:3, а двоцифрена предност нашиот тим имаше во 24.минута. Едноставно сите линии функционираа без грешка и на полувреме Македонија водеше со 19:10.
Во вториот дел водството постојано се зголемуваше, а Лазаров им даде шанса на сите играчи. Во еден период со двајца исклучени играчи голманот на Македонија повратникот во репрезентацијата Мартин Томовски имаше две интервенции. Конечниот резултат 36:17 беше и најубедливата предност за Македонија во натпреварот.
Стрелци за Македонија беа: Кузмановски 6, Серафимов 5, Лазаеревски 4, Ненад Костески 3, Ивановски 3, Пешевски 3, Џонов 3, Маркоски 2, Јагуриновски 2, Дамјан Митев 2, Павле Атанасијевиќ 2, Ојлески 1. Без голови останаа Карасманакис и Аларов. Митервски во првиот дел имаше 7 одбрани, а Томовски во вториот дел 12 и беше прогласен за играч на натпреварот.
Следниот натпревар од последното коло Македонија го игра на домашен терен против Литванија в недела од 18 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.