Двата најдобропласирани тима сезонава во машкото одбојкарско првенство на Македонија, Штип УГД и Струмица ќе играат во финалето на плеј-офот.
Очекувано, фаворитите без поголема драма ги минаа полуфиналните пречки во разигрувањето за трофејот.
Штип УГД запиша две максимални победи над Универзитет во Тетово и со тоа ја продолжи победничката серија во меѓусебните дуели сезонава. Во иста позиција се најде и актуелниот шампион Струмица која доминираше и во двете полуфинални средби со велешки Борец.
Штип УГД и Струмица пред две недели се соочија во финалето од Купот во Радовиш кога штипскиот состав го одбрани куп пехарот.
Во финалната серија Струмица ја има улогата на бранител на трофејот, додека Штип УГД ќе атакуваат на првата шампионска титула.
Финалето на плеј-офот ќе се игра во три добиени натпревари, а ќе стартува на 25 април во Штип.