Македонскиот шампион, МЗТ Скопје Аеродром од готово направи вересија. Аеродромци одиграа две дијаметрално различни полувремиња во Загреб, првото одлично, второто лошо, па на крајот по продолжение беа поразени.
Во дуел од 2.коло на А групата во АБА2 лигата, МЗТ загуби од Цедевита јуниор со 75:77.
Сино-белите имаа плус 16, но одиграа очајно во последниот период па му дозволија на домаќинот да се врати во игра.
На почетокот на последната минута, домаќините дури и поведоа, минимално, се разбира (68:67). Едвин имаше шанса да донесе водство, можеби и победа. Но беше половичен од линијата за слободни фрлања, и постави егал скор (68:68).
На нецели 30.секунди до крајот, двете екипи имаа по една шанса, не ја искористија, а Слај не погоди на секунда пред крајот, па се играше продолжение од пет минути.
Во екстра периодот, екипата од Загреб тргна со две тројки, односно шест поени за (74:68). Следуваше серија од (7-0) за МЗТ Скопје, за промена на водството на страната на скопскиот тим, (75:74).
Но тоа, за жал, не беше и пресудниот момент на мечот. Го имаа домашните кошаркари, поточно, Буљан, кој со скок во напад, го врати водството на домашната страна кој на 2.1 секунда пред крајот, положи за 77:75.
Шансата натпреварот да „доживее“ и второ продолжение не ја искористи Баковиќ, па казната во вид на пораз го стигна МЗТ Скопје на ова гостување во Загреб.
Тандемот Слај-Едвин одигра одличен меч. Американците постигнаа повеќе од половината поени на МЗТ (вкупно 43).


































