Фудбалската репрезентација на Македонија се радуваше на втората победа во Лигата на нациите. На гостувањето во Рига, а во дуел од 3.коло на групата 2, македонските фудбалери беа подобри од Летонија со 3-0.

Првата шанса за гол ја имаа нашите фудбалери и тоа преку голманот Столе Димитриевски. Имено во 3.минута по неговиот дегажман од сопствената половина, малку недостасуваше Столе да го изненади колегата на спротивната страна. Капитенот Барди во 30.минута се закани со удар од далечина кој завршни сантиметри над голот на домаќините.

Затоа во 35-тата минута по брзата акција во која учествуваа повеќемина фудбалери, а по асистенција на Миовски, на вистинското место беше Јани Атанасов за водство од 1-0.

Во вториот дел домаќините тргнаа по израмнување, но сето тоа беше јалово. Затоа пак на спротивната страна напите репрезентативци ги користеа шансите.

Прво Лурим Ѓамили во 70-тата, а потоа и Ељиф Елмас во 90-тата ја затресоа мрежата на летонскиот голман и ги поставија конечните 3-0 за Македонија.

Со оваа победа Македонија се зацврсти на врвот на табелата сега со 7 бодови, четири повеќе од Ерменија и Летонија.

Следно за македонските фудбалери е гостувањето во Ереван кај Ерменија веќе во недела.