Ракометарите на Барселона се новите европски шампиони откако во финалето го победија Алборг со 31:30, за кого ова беше втор пораз во финалните натпревари.

Каталонците финалето го почнаа многу подобро и до 10.та минута веќе имаа водство од три голови разлика во два наврати (5:2 и 6:3). Данскиот тим Алборг сепак успеа да изедначи на 8:8, што беше ново израмнување на резултатот по 2:2 во 17.минута. 

Барселона одржуваше предност од гол или два, но Алборг од голема помош на голот го имаше Никалс Ландин (осум одбрани прво полувреме). Во последната минута на првиот дел Алборг преку Хоксер го забележаа првото водство од 15:14, но сепак Барселона изедначи на 15:15 преку Ричардсон од 7.метри. Натпреварот беше нерешен осум пати во првите 30 минути.

Почетокот на вториот дел беше во знакот на нерешениот резултат, а така беше до 20:20. Барселона која постојано водеше со гол предност дојде и до + 2 (22:20), но Алборг се врати за 22:22. Во 50.та минута беше 25:25 (уште едно изедначување).

Во 54.минута Барселона дојде пак до + 2 (28:26). Три минути подоцна Каталонците стигнаа и до три предност 30:27 во 57.минута пред се по двете одбрани на Нилсен.

Алборг со два гола на празен гол, намали на 30:31. Барселона во тој период играше без исклучениот Дика Мем. Хоксер во последната минута ја погоди стативата и Барселона остана со гол предност. Ландин на 11 секунди пред крајот го запре ударот на Н’Гесан. Алборг лошо го одигра последниот напад, а Хансен со шут од слободен удар – 9.метри не погоди и уште еднаш остана без тоталната европски првак.

Хансен кај Алборг и Ричардсон кај Барселона со по 8 голови беа најефикасните на финалето, а Ландин имаше 12 одбрани, додека Нилсен кај Барселона заврши со 8 одбрани.

Финалето го судеа македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.

Во дуелот за третото место во пресметката на бундеслигашите Кил го совлада досегашниот европски првак Магдебург со 32:28.