Италијанската екипа Аталанта e освојувач на првиот од трите трофеи во УЕФА фудбалските купови. Во финалето на Лигата на Европа, одиграно во Даблин, Аталанта го совлада Баер Леверкузен со 3:0.

Јунакот на италијанската екипа беше Нигериецот, Адемола Локман. Тој ги постигна сите три гола. Два во првиот дел (12 и 26) и еден во второто (75 минута).

Тимот од Бергамо, за прв пат во својата 117-годишна историја освои пехар на европската сцена. Воедно ова беше и прв трофеј за Аталанта по далечната 1963 година кога го освоија Купот на Италија.

За новиот германски шампион, Баер Леверкузен, ова беше прв пораз сезонава, воедно и прв на кој „фармацевтите“ не постигнаа гол. Сепак Баер во сабота ќе има можност за втор трофеј бидејќи ќе игра во финалето на Купот на Германија.