Ракометарите на Веспрем славеа неверојатна победа во првиот четвртфинален дуел против Алборг во Лигата на шампионите. Унгарскиот тим одиграа очајно прво и фантастично второ полувреме и се радуваше со минимални 32-31

Од самиот старт, данскиот тим тргна силовито. Ја контролираше играта и рано поведе со пет разлика (1-6). Домаќините тешко стигнуваа во ситуација да постигнат гол па во финишот имаа и шест негатива. На одмор се замина со резултат 12-17 за Алборг.

Во вториот дел Веспрем во три наврати губеше со шест разлика, но не се откажа. Се врати унгарскиот тим во игра и во самата завршница успеа да израмни. Гостите имаа напад за победа, но погрешија, а тоа на спротивната страна го казни Веспрем со гол во последните мигови за конечни 32-31.

Овој резултат ветува неизвесен и интересен реванш дуел што ќе се игра на 2 мај.

Првиот дел од четвртфиналната рунда ќе биде комплетиран вечерва со мега дербито меѓу ПСЖ и Барселона. Дуелот во Париз ќе почне во терминот од 20.45 часот.