Екипата на Борусија Дортмунд одиграа еден фантастичен натпревар на домашен терен против Атлетико Мадрид. „Милионерите“ ги совладаа „јорганџиите“ со 4:2 (5:4 вкупно) и се пласираа во полуфиналето на Лигата на шампионите.

Во втората половина на првиот дел Дортмунд ја презема контролата на натпреварот и со два погодоци во мрежата на Јан Облак дојдоа до одличен резултат на полувремето – 2:0. Головите ги постигнаа Хулијан Брант во 34-тата и Ијан Матсен во 39-тата минута.

Атлетико имаше одличен одговор за домаќинот и на почетокот на второто полувреме се врати во натпреварот. Најпрво Матс Хумелс си постигна автогол и гостинот намали на 2:1, а потоа одличната реакција на Анхел Кореа во шестнаесетникот му донесе и изедначување на Атлетико.

Сепак, Дортмунд не се откажа од неговата игра и продолжи да ги форсира противничките фудбалери на грешка. Никлас Фулкруг во 71-та минута како во времето на Питер Крауч, со глава одлично ја пласираше топката во мрежата на гостите од Мадрид за 3:2.

Само 3 минути подоцна дојде и нова казна за избраниците на Чоло Симеоне. Имено, Марсел Сабитцер одлично биеше надвор од шестнаесетникот и погоди за конечни 4:2.

Борусија Дортмунд во полуфиналето ќе игра со „групниот колега“ Пари Сен Жермен, кој вечерва ја совлада Барселона со 4:1 (6:4 вкупно).