Одбојкарките на Струмица и Работнички поведоа во полуфиналните пресметки од плејофот со Наковски волеј и Јанта волеј.

Сега двете екипи ги дели само една победа од пласман во финалната пресметка за шампионскиот трофеј.

Актуелните шампионки, одбојкарките на Работнички направија „брејк“ во дуелот со Јанта волеј. На гостувањето во Кисела Вода, Работнички славеше убедлива победа со 3-0 во сетови. Не беа на посакуваното ниво во поголемиот дел од сезоната, но шампионките влегуваат во форма кога е нај потребно. Тоа го покажаа со играта на првиот меч кој го добија убедливо по сетови со 14:25, 20:25 и 19:25.

Првата меч топка за финале Работнички ќе ја има на домашен терен викендов во СЦ „Борис Трајковски“.

А, екипата на Струмица жени ја оствари 20-тата победа сезонава. Во локалното струмичко дерби одбојкарките на Струмица го надиграа составот на Наковски волеј во три сета со 25:16, 25:13, 26:24.

Денеска во машка конкуренција својот прв полуфинален натпревар ќе го играат шампионот Струмица и Универзитет во Тетово.

Предност од 1-0 во мечеви имаат одбојкарите на Работнички кои во првиот меѓусебен дуел од полуфиналето беа подобри од Штип УГД со 3-1.