Одбојкарките на Струмица се првите кои обезбедија пласман во финалето на Купот на Македонија. Во супер интересен и неизвесен меч, што траеше 2 часа и 40 минути, со голем пресврт го совладаа бранителот на трофејот Работнички со 3:2 во сетови.

Струмичанка подобро го започнаа мечот имаа континуирана предност 3-4 поени, а во финишот и најголеми +5 (22-17). Сепак тоа не им беше доволно, па шампионот направи комплетен пресврт и го доби сето со (24-26).

И во вториот, иста слика. Двата тима имаа свои добри и лоши периоди на игра. Струмица водеше 23-21, но повторно дозволи противничките да го добијат сетот со идентични (24-26).

Во третиот сет екипата на Струмица не ја направи истата грешка. Рано создаде осим поени предност кои се покажаа доволни да се приведе сетот кон крај. Струмица го доби тој период од играта со 25-22 и намали на 1:2 во сетови.

Во четвртиот сет беше израмнето до 12-12, по што струмичанки направија серија од 5-1 и водство од 17-13. Немаа сили шампионките да се вратат во игра, Струмица го доби сетот со 25-17 и израмни на 2:2.

Очекувано голема борба се водеше за секој поен во решавачкиот, петти сет. Ниту една од екипите не успеа да направи позначителна предност, па во финишот се влезе со израмнети 13-13. Во него повеќе концентрација, но и нерви имаа одбојкарките на Струмица кои го добија сетот со 15-13, а мечот со 3:2.

Во врторото полуфинале кај дамите вечертва (20 часот) ќе играат Јанта волеј и Наковски волеј.

Женското финале на програмата е в недела од 12 часот, а по него од 15 часот во машкото домаќинот Штип УГД ќе го предизвика бранителот на трофејот тимот на Струмица.