Ракометарите на Голден Арт ја минаа првата пречка во четвртфиналната фаза на Купот на Македонија.

Во дуел од третата група од Голден Арт како гостин го совлада Пролет со 32-22. Иако домаќините во најголемиот дел од првото полувреме постојано имаа гол предност, на пауза се замина со израмнети 12-12. Вториот дел Голден Арт го започна фуриозно, Набрзина направи пет голови предност 19-14. Во продолжението тимот од скопски Аеродром, континуирано ја зголемуваше разликата која на крајот изнесуваше 10 голови (32-22).

Најефикасен во победничката екипа беше Христијан Милошески со 7, додека Мице Шилегов и Марко Трајковски постигнаа по пет гола.

Голден Арт се избори за финале во својата група, во кое за противник би требало да го има Вардар. Имено бранителот на трофејот од ланската сезона важи за апсолутен фаворит во дуелот против Радовиш, но и за пласман на завршниот фајналфор од оваа група.

Останатите полуфинални натпревари по групи на програмата се утре, а в недела ќе се играат финалните по кои ќе се знаат четирите тима кои ќе играат на фајналфорот во мај месец.