Кошаркарките на Баскет Кам се победнички во годинашното издание на Купот на Македонија.

На завршницата одржана во СК „Кале“ во Скопје, Баскет Кам во финалето го совлада МЗТ Скопје убедливо со 67-39.

Уште по првото полувреме беше јасно дека аеродромки нема да го повторат минатогодишниот успех, кога го освоија трофејот со победата над истиот противник. Актуелниот шампион ги доби првите две четвртини и на одмор замина со 25 поени предност 45-20. Тоа им донесе мирно второ полувреме и конечна победа со 67-39.

Ивана Кметовска со дабл-дабл учинок со 23 поени и 15 скокови беше најдобрата кошаркарка на натпреварот и во победничката екипа за која Цветанка Димова постигна 19 поени, а имаше и 9 скокови.

За Баскет Кам ова е трет трофеј во Купот на Македонија во кој последните четири години е редовен финалист.