Македонскиот првак Еурофарм Пелистер утре ќе го одигра својот последен натпревар на домашен терен, во Лигата на шампионите.

Пелистерци го пречекуваат данскиот тим Алборг во меч од 13-тото коло на А групата.

Иако Алборг кој е на 2.место на табела, важи за фаворит во овој меч, сепак пелистерци се надеваат дека конечно ќе остварат позитивен резултат. Македонскиот шампион досега ги загуби сите натпревари, па редно е пред се битолската публика, да се израдува.

Во тоа верува и словенечкиот репрезентативец Нејц Цехте.

„Целата екипа едвај го чекаме овој натпревар. Желни сме повторно да покажеме, дека можеме и што се вели да покажеме, дека ја посакуваме победата. Верувам дека може да биде така.

Треба да одиграме посилно пред се во одбрана, што се вели да се “истепаме“. Тие се навикнати да играат брз ракомет и работите да ги решаваат во ситуација еден-на-еден.

Тие не знаат како е да се игра пред битолската публика. Не е исто како во Данска, тука ја гледам шансата за наш добар резултат“, изјави Цехте.

Утрешниот дуел меѓу Еурофарм Пелистер и Алборг, што ќе се игра во салата „Боро Чурлевски“ ќе почне во 20.45 часот.