Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер го очекува нов натпревар во елитната Лига на шампиони. Битолчани гостуваат во Германија кај европскиот гигант Кил.

Пред натпреварот од 12.коло во А групата, свои очекувања за мечот има тренерот на пелистерци Бранислав Ангеловски.

„Кил е клуб со огромна традиција. Годинава не им “цветаа розите“ во домашното првенство и куп, па затоа се насочени кон освојувањето на титулата Европски шампион.

Би посакал ние да одиграме како што беше во Битола. Тоа ни беше првиот натпревар во кој покажавме дека можеме да играме против гиганти од ракометна Европа. Би сакал да се повтори тој натпревар и во Германија.

Мораме да ја имаме таа пожртвуваност и цврстина во одбраната, за да можеме да парираме на германскиот напад“, изјави Ангеловски.

Дека Е. Пелистер може да игра против фаворитот покажа и дуелот во Битола, кој гостите го добија потешко од очекуваното со 23-20.

Натпреварот меѓу Кил и Еурофарм Пелистер ќе се игра во четврток со почеток од 18.45 часот.