Столе Димитриевски и Рајо Ваљекано повторно сезонава се покажаа како „тврд орев” за Реал Мадрид. Првиот нивни дуел заврши 0:0, а денешниот заврши со резултат 1:1.

Македонскиот репрезентативец уште во раната фаза на натпреварот беше принуден да ја извади топката од својата мрежа. По брзата контра во третата минута Хоселу му донесе водство на Реал од 1-0. Домаќините се вратија во игра (1-1), со голот на Де Томас од пенал во 31-та минута.

Вториот дел беше доста мирен. Резултатот остана „стабилен“ во полза на Рајо кој многу добро го чуваше голот на нашиот Столе. Во 80-та минута со феноменална интервенција Столе го спречи опасниот слободен удар на Тони Крос.

Реал Мадрид е моментално лидер во Ла Лига со 62 бода на 25 одиграни натпревари. „Кралевите” имаат 6 бода предност пред Џирона кои на 24 одиграни кола имаат 56 бодови.

Столе со неговиот Рајо се наоѓа на 14-та позиција со 25 бода на исто толку одиграни натпревари.