По двомесечна пауза, а со два натпревари вечерва, продолжуваат возбудувањата во фудбалската Лига на шампиони.

Останаа шеснаесет екипи кои ќе се борат во осминафиналната рунда која ќе трае се до 13-ти март.

Македонскиот репрезентативец, Ељиф Елмас со својот нов клуб Лајпциг го пречекува „кралскиот“ Реал Мадрид.

германскиот тим немаше многу среќа при ждрепката. Како и лани кога играше против Манчестер Сити, и сега во осминафиналето налета на еден од големите фаворити за титулата.

Минатата сезона овие две екипи играа во групната фаза, а домашниот терен се покажа како предност. Но, Лајпциг во календарската 2024-та игра во лоша форма, за разлика од Реал кој е во налет. Како ќе биде вечерва останува да видиме.

Само втор пат во клупската историја, Копенхаген ќе учествува во осминафиналето, откако ja мина низ групата во која беа Баерн Минхен и Манчестер Јунајтед. Наградата за добрата игра на „лавовите“ е осминафиналето во кое ќе се спротивстават на актуелниот европски првак Манчестер Сити.

„Граѓаните“ секако ја имаат улогата на апсолутен фаворит. Сепак тоа ќе мора да го потврдат на „жешкиот“ терен на „Паркен“ каде Копенхаген игра одлично. Данскиот шампион загуби само три од своите 19 натпревари во Лигата на шампионите пред своите симпатизери.

Почетокот на двата натпревари е во 21 часот, термин во кој утре ќе се играат дуелите, Лацио – Баерн Минхен и ПСЖ – Р.Сосиедад.

Останатите четири дуели на програмата се следниот вторник и среда (20 и 21 февруари).