Од четврток до сабота во Битола ќе се игра завршниот турнир во кошаркарскиот Куп на Македонија во машка конкуренција.

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром одбраната на титулата ја починува со дуелот против Гостивар.

Аеродромци ја прифаќаат улогата на фаворити, не само на овој натпревар туку и воопшто на турнирот. Од таборот на сино-белите веруваат дека и трет пат во Битола ќе кренат трофеј.

„Самото име МЗТ носи своја тежина и како 11-кратен освојувач на купот одиме по нов трофеј.

Без лажна скромност ние доаѓаме за да го одбраниме трофејот.

Два пати ја освоиме титула во Битола, се надевам дека сега ќе освоиме и купот во овој град“, изјави помошникот тренер на МЗТ, Миодраг Тодоровиќ.

Искусниот стратег на кормилото на Гостивар, Јорданчо Давитков, потсетува дека во купот секогаш имало изненадувања. 

„Можеби е клише, но во купот нема фаворити, тоа е специфично натпреварување во кое многу послаби екипи победувале поголеми фаворити.

МЗТ е еден од фаворитите, ние ќе дадеме се од себе, па ќе видиме колку е тоа доволно за добар резултат“, истакна Давитков.

Дуелот меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Гостивар е првиот на програмата и ќе се игра напладне од 12 часот.