Четири македонски репрезентации ќе учествуваат на Балканските првенства за млади категории во 2024. Македонија ќе биде организатор на шампионатот во одбојка на песок за играчи до 22 години.
Ова беше решено на денешното годишно собрание на Балканската одбојкарска асоцијација во Софија. На истото македонската одбојка ја претставуваа претседателот на ОФМ, Петар Јовановски и генералниот секретар Зоран Карановиќ.
Во термин којшто ќе биде дополнително одреден, пет земји ќе ни бидат гости на Балканското првенство во одбојка на песок: Косово, Молдавија, Романија, Србија и Турција.
Ова се настаните на коишто ќе играат македонските национални тимови претстојното лето:
У18 (жени) во Албанија од 18-22 јуни (одбојкарки родени 2007-ма и помлади).
МАКЕДОНИЈА, Албанија, Бугарија, Молдавија
У18 (мажи) од 25-29 јуни 2024 (одбојкари родени 2007-ма и помлади).
МАКЕДОНИЈА, Бугарија, Црна Гора, Романија, Србија и Турција
У20 (жени) во Албанија од 20-27 јули 2024 (одбојкарки родени 2005-та и помлади).
МАКЕДОНИЈА, Албанија, Бугарија, Црна Гора, Србија и Турција
У20 (мажи) во Србија од 12-16 август 2024 (одбојкари родени 2005-та и помлади).
МАКЕДОНИЈА, Србија, Албанија, БиХ, Бугарија, Грција, Молдавија, Романија и Турција
Според принципот на ротирачко претседателство, нов предводник на БВА во следната година ќе биде претседателот на Албанската одбојкарска федерација Ерлинд Прелумби, а Милутин Поповиќ од Босна и Херцеговина ќе ја има улогата потпретседател.
На 25-то генерално собрание на БВА присуствуваа и претседателот на ЦЕВ Александар Боричиќ и потпретседателот Ренато Арена.